Јапонија пред СП ќе одигра три натпревари во Швајцарија

Ракометната репрезентација на Јапонија која е прв противник на Македонија на претстојното СП во Германија и Данска, завршната фаза од подготовките пред настапот на Мундијалот ќе ја одработи во Швајцарија.

Јапонците  кои од клупата ги предводи Исланѓанецот Дагур Сигурдсон кој пред три години на ЕП во Полска стана шампион со селекцијата на Германија, во Швајцарија ќе одиграат три натпревари.  Во завршната фаза од подготовките пред СП, од 4 до 6 јануари, избраниците на Сигурдсон ќе настапат на 47.издание на „Јелоу Купот“ во Винтертур.

Првиот натпревар е утре против селекцијата на Швајцарија. Во сабота, Јапонија ќе игра против Тунис, а последниот натпревар ќе биде со селекцијата на Португалија во недела.

Репрезентацијата на Јапонија во првата фаза од подготовките имаше уште два контролни натпревари со европски селекции. Со Полска одигра нерешено (25-25), а против Чешка славеше победа (27-25).

Дуелот меѓу Македонија и Јапонија во рамките на првото коло од групата Б во Минхен ќе се одигра на 11 јануари.

Се вчитува...