МЗТ Скопје додаде значајно засилување во својот ростер за клучниот дел од сезоната, потпишувајќи договор со Предраг Самарџиски. Искусниот 32-годишен центар ќе биде дел од „металците“ до крајот на сезонава, што за него претставува враќање во аеродромскиот клуб по пауза од три и пол години.
Центарот се враќа во добро позната средина, каде што настапуваше во сезоната 2014/15 во која дојде до шампионската титула со „металците“. Тој минатите две сезони беше кошаркар на Мега Лекс, додека во „Јане Сандански“ доаѓа како слободен агент и се очекува да ја пополни празнината во рекетот поради подолгото отсуство на Љубомир Младеновски, кој веќе втор месец се рехабилитира по скршеницата на раката, а која заздравува побавно од очекувањата.
Поранешниот центар на македонската репрезентација кариерата ја почна во екипата на Водњански лисици, а уште како тинејџер замина во белградски Партизан. Досега има играно уште и за екипите на ФМП, Црвена звезда, Литвос Ритас, Олин Едирне, Мерсин, ТЕД Анкара и Бујукчекмече. За репрезентацијата на Македонија почна да игра во 2008 година, а последниот настап во жолто-црвениот дрес го имаше на ЕП 2015 година во Загреб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА