Македонската одбојкарска репрезентација е во незавидна ситуација во пресрет на завршниот натпревар од квалификациите за пласман на Европското првенство кое во септември годинава ќе се одржи во четири држави. Обезбедувањето историско учество меѓу најдобрите на континентот не зависи само од резултатот на нашиот дуел со Унгарија утревечер.
Претходно ќе треба да ни одат во полза исходите на два меча, Летонија – Израел и Шведска – Азербејџан. Нам ни се неопходни победи на Летонците и на Швеѓаните, за потоа со триумф од 3-0 над Унгарија да го обезбедиме второто место на табелата и да се провлечеме меѓу петте второпласирани од седумте квалификациски групи. Тежината на ситуацијата ја признаваат и во нашиот табор.
„Атмосферата е на пониско ниво, меѓутоа тоа може да биде и предност за нас. Со позитивна мисла можеме да направиме подобра игра и подобар резултат отколку со Украина. Многу работи може да се променат во зависност од резултатите од другите натпревари коишто се пред нашиот, но ние мора да победиме без оглед дали тие резултати ќе ни одговараат или не. Сакаме да завршиме со победа, а ако даде Бог, да одиме на Европското првенство 2019. Ако не можеме, треба да мислиме на иднината и на нашиот рејтинг со цел да имеме подобра ждрепка за наредниот циклус којшто ќе почне во 2020-тата. Јас имам некое чувство дека Летонија и Шведска ќе победат и дека со наш триумф над Унгарците ќе се радуваме на пласман“ – вели капитенот Ѓорѓиев.
На првиот дуел со Унгарците, македонскиот тим забележа победа од 2-3. Во пресрет на последното коло, најдобрите македонски одбојкари се на втортат позиција на табелата со 6 бода и подобар сет количник од Швајцарија која има идентичен бодовен биланс со нас. На табелата на второпласираните, нашиот тим е на петтото место, последно кое води на Европското првенство.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА