Седум од 24 репрезентации што ќе настапат на ракометното СП во Германија и Данска, на клупата имаат шпански тренери. Покрај Македонија која ја предводи Раул Гонзалес во тандем со Роберто Парондо, Шпанци на клупата имаат и Тунис, Египет, Аргентина, Чиле, Катар и Шпанија. Осмиот шпански стратег избори пласман на ова СП со репрезентацијата на Саудиска Арабија, но Фернандо Барбеито ја напушти таа позиција по завршувањето на азискиот шампионат.
Финансиската криза што го зафати шпанскиот ракомет го засили овој тренд во изминатите десетина години кога шпанските тренери тргнаа „на печалба“ по светот и на клупски и на репрезентативен план.
Валеро Ривера оствари голем подвиг со репрезентацијата на Катар која под негово водство со повеќе натурализирани репрезентативци ја освои вицешампионската титула на СП 2015 на кое беа домаќини.
Довербата на кормилото на репрезентацијата на Тунис го доби Тони Герона, а Египет од лани го предводи поранешниот тренер на Вардар, Давид Дејвис.
Матео Гаралда е на клупата на Чиле, а Маноло Каденас е селектор на Аргентина.
Од европските селекции покрај Шпанија со Жорди Рибера, Шпанец на клупата има само Македонија предводена од Раул Гонзалес.
Според тренерската застапеност, на Шпанците единствно конкурентни им се Исланѓаните. Пет селекции на СП 2019 имаат исландски тренери.
Гудмундур Гудмундсон откако освои олимписко злато со Данска се врати во својата татковина и на ова СП ќе ја предводи селекцијата на Исланд. Дагур Сигурдсон најголемиот успех го постигна со репрезентацијата на Германија со која ја освои шампионската титула на ЕП 2016 во Полска, а сега е на клупата на Јапонија.
Кристијан Андерсон ја предводи Шведска,Патеркур Јоханесон е на клупата на Австрија, а Арон Кристјансон е селектор на Бахреин.
Во нашаат група Б во Минхен три од шестте репрезентации имаат сеелктори Исланѓани – Гудмундсон (Исланд), Сигурдсон (Јапонија) и Кристјансон (Бахреин). Шпанија и Македонија ја предводат Шпанци (Рибера и Гонзалес). Исклучок од овој исландско – шпански тренерски тренд е само Хрватска со Лино Червар на клупата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА