Штипска Брегалница амбициозно ја очекува пролетната етапа во Втората лига – Исток верувајќи дека може да се стигне до посакуваната цел пласман на првите две позиции на табелата. Стратегот Зоран Штерјовски под зимски услови ги почна подготовките со досега само едно нови име, голманот Горан Пашовски.
Денеска на Градскиот стадион во Штип, под снежна покривка, почнаа подготовките на Брегалница за новата сезона.На прозивката се јавија 22 фудбалери. Отсуствуваа повредените Оливер Христов и Бобан Атанасов, а за два дена треба да се приклучи Горѓи Марков. На првиот тренинг се јави и Горан Пашовски, кој од Беласица се пресели во Штип.
„Нашите амбиции остануваат борба за второто место. Ќе направиме се да дојдеме до нашата цел“ – истакна Штерјовски на првиот собир на Брегалница.
Во тимот има промени и во стручниот штаб. На местото на Игор Стојанов во иднина ќе биде Влатко Давитков, а покрај него на клупата остануваат Ристе Милосавов и Александар Митрев.
Според програмата на стручниот штаб, Брегалница од 4. февруари заминува на подготовки во Охрид. Пред заминувањето во Охрид, на 30. јануари договорен е тест дуел со Кит-Го, а во Охрид договорени се веќе дуели со Лабуниште и српскиот Металац, Валјево.
ФОТО: www.stipskiasovi.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА