Македонскиот репрезентативец Езгјан Алиоски наскоро може да добие соиграч од Реал Мадри. Според најавите во англиските медиуми, англискиот клуб сака во зимскиот преоден рок дополнително да го засили тимот за да го задржи првото место во Чемпионшип дивизијата, а главна ивеестиција на клубот ќе биде третиот голман на Реал Мадрид, Кико Касиља.
Лидс јунајтед игра најдобра сезона во последните десет години со реални шанси конечно да се вратат во Премиерлигата. Во насока на ваквите амбиции, тренерот Марсело Биелса во неколку ситуации нагласи дека им треба засилување на голманската позиција, а челниците на клубот по се изгледа ќе му ја исполнат желбата.
Англиските медиуми пренесуваат дека Лидс веќе го договорил трансферот на резервниот голман на Реал Мадрид, Кико Касиља. Овој 32-годишен голман во Реал Мадрид дојде во 2015 година од Еспањол, но не се наигра многу во „кралскиот клуб“ . По доаѓањето на Тибо Куроа, Касиља стана трет голман во Реал и речиси е сигурно дека до крајот на јануари ќе го напушти Мадрид иако има уште 18 месеци од договорот.
Според најавите, Касиља веќе ги договорил условите со раководството на Лидс и на почетокот на наредната недела доаѓа на лекарски прегледи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА