ЕКИПА во Минхен,
Стеван Цаневски
Македонските ракометари стојат цврсто на земја по убедливата победа над Јапонија, свесни дека клучните битки за место во групната фаза во Келн допрва им претстојат. Гоце Георгиевски се приклучи на групата искусни играчи кои се свесни дека утрешната пресметка со Бахреин може да биде многу незгодна ако не се одигра најдобро што се знае.
„Очекувам дуелот против Бахреин да биде многу поразличен. Станува збор за селекција што е непознаница за нас бидејќи досега не сме играле против неа, но свесни сме дека во одбраната ќе одиграат многу поагресивно отколку што тоа го сторија Јапонците. Клучно ќе биде како ние ќе се покажеме на теренот, бидејќи ова е светко првенство, нема лесни ривали, сите играат ракомет. Ако не влеземе максимално, ќе имаме проблеми со секој ривал, без разлика дали се вика Бахреин, Чиле… Од она малку што го видовме на нивниот синоќешен натпревар, во дел од второто полувреме се обидоа и со напад „седум на шест“ против Шпанија, така што сигурно ќе треба да бидеме внимателни“ – истакна десното крило на нашиот национален тим.
Георгиевски постигна еден гол во првото полувреме од дуелот со Јапонија, по што во вториот дел му го препушти своето место на десно крило на Мартин Поповски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА