Македонската ракометна репрезентација ја забележа втората победа на стартот од СП 2019 откако попладнево рутински беше триумфирано над селекцијата на Бахреин со резултат 28-23. „Црвено-жолтите“ се мачеа дваесетина минути, но потоа со промената во „седум на шест“ го скршија отпорот на противникот. За одбележување е и мундијалското деби на Филип Чурлевски, кој го постигна и првиот гол на ова СП, а во финишот од средбата Раул Гонзалес им даде шанса и на останатите помлади ракометари, па меѓу стрелците се запиша и Мартин Серафимов.
Од самиот старт стана јасно дека мечот ќе биде поинаков од премиерата со Јапонија, со оглед на бавната игра во нападот на која инсистираше Бахреин. Првото водство го имавме во седмата минута, кога Георгиевски погоди од крило за 3-2. Одбраната профункционира подобро, па со два брзи гола на Кузмановски и на Манасков македонскиот национален тим поведе со 5-2. Противничките ракометари повторно направија грешка во чекори, Кире Лазаров реализираше од контранапад, за водство од 6-2, доволен аларм за селекторот Кристјансон да побара тајмаут.
Одбраната на Бахреин заигра подобро, противникот намали на 6-4, резултат при кој за првпат на шампионатот во игра влезе Чурлевски, во ситуација кога Кузмановски беше исклучен. Промашувањата на нашите ракометари се редеа во серија, па Бахреин стигна и до израмнување од 6-6 во 17. Минута на натпреварот. Следеше нов слаб шут на Талески, па уште едно пробивање од Кузмановски, за Раул Гонзалес по девет минути без постигнат гол при негатива од 6-7 да го побара својот прв тајмаут на натпреварот.
По минутата одмор Македонија тргна „седум на шест“ во нападот, веднаш следеше пенал врз Пешевски што Кире Лазаров го претвори во гол за израмнување. На десетина минути пред крајот на полувремето кај противникот се повреди стартниот десен бек Мохамед Хабиб, за уште поголеми проблем во ситуација кога Бахреин ионака немаше леворак ракометар на оваа позиција. Борко Ристовски влезе во ритам на голот, а со два гола во низа на Дејан Манасков нашата репрезентација повторно поведе со три гола разлика (11-8). Манасков во последната минута изнуди пенал и исклучување, по што Кире Лазаров со својот петти гол ги постави конечните 12-8 на крајот од првото полувреме.
Во вториот дел шанса добија и Чурлевски и Мартин Поповски, а Чурлевски само неколку минути подоцна го постигна и својот прв мундијалски погодок во кариерата. Играта на Македонија делуваше многу посигурно отколку во првиоот дел, па во 36. Минута резултатот веќе гласеше 15-9. По исклучувањето на Талески противничката селекција влезе во мини-серија, но „црвено-жолтите“ не дозволија „пост“ како оној во првиот дел, одговорија со иста мера и ја зголемуваа предноста (23-15).
Шанса во завршницата на голот доби и Никола Митревски, а на теренот се појавија и Крстевски, Танкоски и Серафимов, откако Раул реши да одмори дел од клучните играчи во пресрет на најважните три средби во групата, против Хрватска, Шпанија и Исланд. Противничкиот состав го искористи тоа и го ублажи поразот, намалувајќи ја разликата до конечните 28-23.
Кире Лазаров со осум гола беше најефикасен и на оваа средба, Манасков и Кузмановски постигнаа по четири, а по три пати прецизни беа Талески и Мартин Поповски.
Македонија во рамките од третото коло утре ќе се сретне со Хрватска, натпревар што е закажан за 18 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА