ЕКИПА во Минхен,
Стеван Цаневски
Селекторот на македонската репрезентација, Раул Гонзалес, има причина за задоволство откако по првите две кола „црвено-жолтите“ имаат максимални две победи. Шпанецот, сепак, е свесен дека ова е само увертира за трите клучни натпревари на кои ќе се води битка за место во главната фаза од СП 2019.
„Имаме две победи по првите две средби, нормално е да бидам многу задоволен. Не беше толку лесно колку што се чинеше, знаевме дека Бахреин има добра одбрана со која ни парираше квалитетно во поголемиот дел од првото полувреме. Мора да се биде задоволен, но ова е само почеток и знаеме дека вистинските предизвици допрва следат“ – истакна Гонзалес.
На ред е дуелот со Хрватска, репрезентација за која македонскиот селектор има исклучително високо мислење, но истовремено и знае што треба да се направи за да се победи.
„Знаете се за Хрватска, тоа е репрезентација што ги има најдобрите ракометари во светот и што сигурно ќе се бори за медал на овој шампионат. Ние ги почитуваме, но сигурно ќе бараме своја шанса. Според мене, за да можеме да се носиме со Хрватска ќе треба да играме напад како против Јапонија и одбрана како против Бахреин. Тоа е она кон што ќе се стремиме на утрешниот натпревар“ – порача „Ел Команданте“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА