ЕКИПА во Минхен,
Стеван Цаневски
Македонија посакува трета победа на СП, но на денешниот дуел против Хрватска (18 часот), за разлика од претходните две рунди, „црвено-жолтите“ нема да ја имаат фаворитската улога. Сепак, мотивацијата е на највисоко можно ниво во обидот да се приреди изненадување.
Капитенот Кире Лазаров е внимателен како и на стартот од шампионатот, свесен дека најголемите предизвици на овој Мундијал стартуваат од денешниот дуел.
„Добро е што ние си ја завршивме задачата, позадоволен сум отколку по натпреварот со Јапонија. Забележавме две победи, имавме старт каков што посакувавме, но јасно ни е дека овој Мундијал за нас почнува од денеска и дуелот со Хрватска, да се обидеме да стигнеме до третиот триумф кој ќе значи и пласман во втората рунда. Хрватска е голем фаворит, а ние ќе се обидеме да корегираме одредени недостатоци во играта покажани на двата дуели и да одиграме со 100% од силите ако сакаме позитивен резултат“ – истакна Лазаров.
Најдобриот македонски ракометар има само пофални зборови за поранешниот селектор Лино Червар.
„Лино Червар секогаш ќе остане впишан во историјата на македонскиот ракомет бидејќи направи многу за нашиот спорт. Без разлика, некој го сака, некој го оспорува, но Лино работеше 24/7 цели десет години во тој Металург, направи систем, создаде база, добро селектираше цела една генерација на македонски ракометари. Не бевме свесни кого имаме додека не го загубивме. Тој знае како дишеме, ние го знаеме него, ќе видиме како тоа ќе изгледа на терен. Ние немаме победа против Хрватска на големите натпреварувања. Ако гледаме индивидуално, нивните ракометари настапуваат многу подобро во репрезентативниот дрес отколку на клупско ниво, тоа им ја красеше и генерацијата со Балиќ, Вори, Метличиќ, тоа е така бидејќи ги краси некој спортски патриотизам што ги прави исклучително опасни“ – потенцира Кире Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА