ЕКИПА во Минхен,
Стеван Цаневски
Хрватските ракометари исто како и Македонија се со максимален ефект по првите две кола од групата Б, но „коцкестите“ важат за фаворити и во пресрет на денешниот дуел против нашиот национален тим. Јавноста во оваа земја очекува не само победа, туку и убедливо издание на својата селекција, не гледајќи на Македонија како на сериозен ривал.
„Пример мора да ни биде Краков, кога пред три години ги растуривме со десет гола разлика, а сега дефинитивно не се ништо подобри. Во Минхен се без двајцата „мозоци“ во тимот, Миркуловски и Прибак. Филип Лазаров го нема тоа во себе, а Кузмановски иако беше доведен од Магдебург, се уште е премлад да решава вакви натпревари. Тој и Талески треба да бидат лидери на Македонија во иднина. Покрај Кире Лазаров, класа имаат и на голманската позиција, Борко Ристовски неслучајно до неодамна бранеше за Барса, потоа на левото крило го имаат Манасков, а Стоилов е столб не само на линијата од шест метри, туку и на играта во одбрана“ – пишуваат хрватските медиуми во пресрет на оваа средба.
Македонија и Хрватска досега имаат одиграно пет официјални натпревари, „коцкестите“ имаат три победи на големите натпреварувања (28-21 на ЕП 1998, потоа 29-26 на СП 2015 во Катар и со 36-26 на ЕП 2016 во Полска. Единствената победа над денешниот ривал нашата национална селекција ја има забележано во квалификациите за ЕП 1998, кога пред своите гледачи славеше со 31-29, губејќи го мечот во Хрватска со убедиви 37-27.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА