„Скоцкани“ за 30 минути: Ракометарите загубија од Хрватска

ЕКИПА во Минхен,

Стеван Цаневски

Ракомената репрезентација на Македонија го претрпе првиот пораз на Мундијалот во Германија и Данска откако вечерва не успеа да приреди изненадување на дуелот со Хрватска, губејќи со резултат 31-22. Надежите дека за првпат на едно големо натпеварување би можеле да го земеме скалпот на „коцкестите“ исчезнаа во првото полувреме што Македонија го одигра далеку под посакуваното ниво, на моменти губејќи и со шест гола разлика. Вториот дел беше значително подобар, но без сили за сензационален пресврт. На крајот Раул Гонзалес во завршните минути ги повлече клучните играчи, што резултираше со зголемување на негативата до конечните „минус девет“.

Во одбраната почнавме со зона 5-1 со Кузмановски како најистурен дефанзивец, додека во нападот од првата минута тргнавме „седум на шест“ . Дефанзивата ни делуваше многу слабо во почетните минути, па Хрватите во првите три напади лесно реализираа, поведувајќи со 3-1. Одбраната се стабилизираше, противниците почнаа и да грешат, па со голот од контранапад на Манасков во 9. Минута израмнивме на 4-4. Сепак, следеа „црни минути“ во нападот, по што противникот поведе со 7-4, по неколкуте промашени шутеви на нашите репрезентативци.

И Лино Червар тргна „седум на шест“, „коцкестите“ си ја вратија сигурноста во нападот, па Раул Гонзалес беше принуден да побара тајмаут при негатива од 11-7, на неполни десет минути до крајот на полувремето. Проблемите продолжија, не беа искористени ниту следните три напади, па Хрватска со гол во празна мрежа поведе со 13-7. Серијата на противникот беше прекината на најатрактивен можен начин, со цепелин на крилата, Георгиевски до Манасков. Стоилов изнуди исклучување на Вранковиќ, прво воопшто на натпреварот, но Македонија не успеа посериозно да се доближи. Со вториот гол на Талески од наша половина во празна мрежа намаливме на 15-11, но истиот играч на спротивната страна доби исклучување на две минути, на 21 секунда до крајот на полувремето. Карачиќ беше прецизен од седум метри, за конечни 16-11 по 30 минути игра.

Вториот дел почна со загубена топка на Кире Лазаров и гол во празна мрежа што го постигна хрватскиот голман Шего. Македонија конечнов врза три гола во серија, па во 55. Минута ја преполови предноста на противникот на 18-15. И кога имавме можност целосно да се вратиме, Талески и Кузмановски почетнички погрешија при 19-16, а потоа при 20-16 Манасков не беше прецизен во обидот од сопствената половина да ја затресе празната мрежа. Ристовски влезе во серија одбрани, на спротивната страна погодија Стоилов и Пешевски, но во нападот во кој можевме да фатиме целосен приклучок повторно ја загубивме топката, овојпат за престап на Пешевски.

Раул зеде тајмаут при 24-19 за противникот, Кузмановски погоди за 24-20, но потоа следеше нова мини-серија на противничката селекција. Македонија капитулираше, Раул ги повлече од игра клучните ракометари, зачестија и грешките, па на крајот поразот беше изразен со конечни 31-22.

Дејан Манасков беше прв стрелец на Македонија со шест гола, еден повеќе од Кире Лазаров, а Кузмановски, Талески и Пешевски по три пати се запишаа меѓу стрелците. Кај Хрватска најдобар стрелец беше Дувњак со шест погодоци, а треба да се истакне и дека кај противникот во игра воопшто не влезе Лука Циндриќ.

Утре е слободен ден во групата во Минхен, а Македонија во следното коло в среда ќе се сретне со Шпанија (20.30 часот).

Се вчитува...