ЕКИПА во Минхен,
Стеван Цаневски
Поранешниот македонски селектор Лино Червар, предводејќи ја селекцијата на Хрватска убедливо го доби дуелот против Македонија. Тој им честиташе на „црвено-жолтите“ за коректниот настап, а со пофални зборови се изрази за хрватските ракометари. Потенцираше дека Хрватска го доби мечот со тактиката „седум на шест“, која своевремено ја применуваше и со македонскиот национален тим.
„Честитки за Македонија за добрата игра и фер-натпревар. Ние игравме многу добро, во нападот направивме само неколку грешки и имавме многу решенија за одбраната 5-1 и 6-0 на противникот. Исто така и со „седум на шест“ направивме значајна разлика. Во одбраната игравме 6-0 и 5-1, двете зони делуваа многу цврсто, моите играчи одлично ја завршија работата, што ни овозможи и лесни голови од контранапад. Сега имаме уште два поени, сигурни сме во втората рунда, но имаме и уште еден многу тежок меч, оној во последното коло против Шпанија. Сепак, ова е само почеток, овој Мундијал е долг и пред нас се многу натпревари, се надевам дека ќе продолжиме во ист стил и во иднина“ – изјави Лино Червар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА