Завршниот турнир од Купот на Македонија по три години пауза повторно ќе се одржи во Гевгелија, во периодот од 15 до 17 февруари, беше одлучено денеска од страна на Македонската Кошаркарска Федерација. По неуспешната лицитација за доделување на организацијата истата остана под капата на МКФ, а челниците на куќата на кошарката постигнаа договор за градот-домаќин од последниот квалификациски натпревар против Косово да го организира и завршниот турнир од Купот на Македонија.
Овој турнир ќе мине во заедничка организација на двата клуба од Гевгелија, Блокотехна и Кожув, кои меѓусебно ќе ги договорат деталите околу местото на одигрување на средбите во женска и во машка конкуренција.
„Сите детали се средени, Гевгелија ќе биде град-домаќин на завршниот турнир од Купот на Македонија. Официјалното потпишување на договорот со МКФ се очекува во текот на следната седмица“ – потврдуваат од МКФ.
Воедно, однапред познати се и четвртфиналните двојки откако во МКФ се решија за враќање на стариот формат, без ждрепка најдобрите осум екипи да разигруваат меѓу себе врз основа на табелата по првиот круг од натпреварувањето (1-8, 2-7, 3-6 и 4-5).
Според тоа, бранителот на трофејот МЗТ Скопје за противник ќе го има Кожув, вториот ко-домаќин Блокотехна ќе се сретне со Охрид, актуелниот првак Работнички ќе ги одмери силите со Куманово, а во Гостивар и Фени индустри во меѓусебна борба ќе решаваат за патникот во полуфиналето.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА