ЕКИПА во Минхен,
Стеван Цаневски
Втор пораз во низа на Македонија на овој светски шампионат, но Раул Гонзалес останува оптимист дека нашата репрезентација ќе одговори на предизвикот на наредниот натпревар, клучниот дуел со Исланд за пласман во втората рунда од СП 2019.
„Честитки до селекцијата на Шпанија на добрата игра и победата. Секогаш е тешко да се игра против нив бидејќи според мене Шпанците ја имаат најдобрата одбрана во светот, а денеска и Гонзало беше перфектен. Се обидовме да сториме нешто повеќе, игравме со „седум на шест“ и тоа ни функционираше, но во второто полувреме загубивме три топки за 30 секунди и го загубивме натпреварот. Потоа решив да ги променам клучните играчи за да ги сочуваме за клучниот натпревар утре. Исланд е силен противник, но верувам дека можеме да го победиме. Најважно од се ќе биде да ги користиме чистите шанси што ги создаваме со нападот „седум на шест“, тие зицери да ги претвораме во голови. Мое мислење е дека ако играме како во првото полувреме вечерва, ќе имаме големи шанси да го добиеме тој натпревар што е како финале за нас“ – истакна Гонзалес.
Десното крило Мартин Поповски како и на претходните натпревари доби шанса да го одигра целото второ полувреме на местото на Гоце Георгиевски, кој денеска играше катастрофално.
„Тежок натпревар за нас. Во првото полувреме игравме добро, не ги искористивме шансите и одбраните на брилијантниот Митревски на голот. Го завршивме полувремето со еден гол негатива, но потоа не одигравме како што посакувавме и претрпевме пораз. Треба да го заборавиме овој пораз и да се насочиме кон Исланд, тој натпревар е како финале за нас“ – изјави Поповски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА