ЕКИПА во Минхен,
Стеван Цаневски
Шпанија се покажа како преголем залак за нашите ракометари, a во синоќешните 60 минути Македонија повторно покажа две лица – едно во кое може да се надигрува со секого, без претеран респект за било кој противник, и второто кое со неборбеноста и недоволното залагање во многу работи потсетуваше на Кожани и фијаското против Грција. Се е јасно, дека мечот со Исланд ќе биде клучен, дека разликата во квалитет во однос на европскиот првак е голема, но оваа репрезентација отсекогаш ја красела борбеност, нешто што сега го немаше, особено во второто полувреме кога ни се случило „помрачување“ и „минус десет“ за 30 минути игра.
Гоце Георгиевски
Стартно десно крило на Македонија со години наназад, Георгиевски во Минхен не е ниту бледа сенка од играчот што знаеше да решава натпревари во наша корист. Неговиот учинок против Шпанија беше нула голови од три обиди, и тоа два промашени зицери од контранапад. Севкупно на првенството Георгиевски има постигнато три гола од девет шутеви, преслаба реализација за еден крилен играч.
Очигледно е дека самодовербата кај ракометарот на ЧСМ Букурешт е на ниско ниво, но Георгиевски има и искуство и квалитет за да ја надмине оваа криза и да помогне кога ќе биде најтешко – на дуелот со Исланд.
Ах, тие зицери…
Тактиката „седум на шест“ во нападот овозможува да е создаде чиста позиција за шут и македонските ракометари тоа го прават многу умешно, но проблемот настанува – кога ќе треба да се даде гол. Шего беше играч на натпреварот со Хрватска, синоќа со тоа признание се закити Гонзало Перез де Варгас, за продолжување на блесоците на противничките голмани на натпреварите со Македонија.
Недозволиво е да се промашат толку чисти шутеви од крило и пивот, тоа е лекција што мора под итно да се научи, бидејќи без подобра реализација на зицерите не можеме да се надеваме ниту на успех со Исланд.
Чекајќи ги младите да „созреат“
Подмладување, „нови деца“, „свежа крв во репрезентацијата“, сето ова се бараше во изминатите години од селекторите кои се свртеа на клупата на Македонија. Вчера повторно ги видовме на дело играчите кои претставуваат предводници на „новите генерации“, но за жал не забележавме ништо што може да донесе оптимизам. Не станува збор за гол-разликата и грешките (кои претходно ги правеа и поискусните), туку за тоталната неангажираност во одбраната, за која и самиот голман Митревски (кој бранеше извонредно во првиот дел), се пожали дека бил оставен на „стрелиште“.
Да се греши е една работа и може да се прости, но да нема борба, кога се игра во репрезентативен дрес, тоа е недозволиво без разлика дали имате 18 или 38 години.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА