ЕКИПА во Келн,
Стеван Цаневски
Македонија игра очајна одбрана во првото полувреме од натпреварот со Чиле, па на одмор замина со израмнети 16-16 откако се врати од „минус два“ со контранападите на Манасков во последните две минути. Нападот делува солидно, но имаме сериозни проблеми во одбраната, која дозволи 16 примени гола за 30 минути игра, премногу и кога се игра со посериозни ривали од Чиле.
Натпреварот го стартувавме со одлична интервенција на Митревски, со реализација на Стоилов со лоб-удар за почетно водство од 1-0. Раул Гозналес се реши за напад „шест на шест“ кој функционираше сосема солидно, па во раната фаза од мечот поведовме со два гола разлика (4-2, 5-3), а со вториот гол на Стоилов прв пат поведовме со „плус три“ (6-3), но падот на концентрација придонесе противникот за само неколку минути да стигне до израмнување.
Во 18. минута, при водство од 10-9 македонскиот селектор ги направи и првите промени во тимот, Крстевски влезе на местото на Кузмановски, а Пешевски го замени Стоилов. Во нападот делувавме сигурно, но одбраната функционираше очајно, па Чиле даде три гола во четирите минути со играч помалку и стигна и до израмнети 13-13. Завршницата од полувремето мина во знакот на јужноамериканската селекција, која имаше и два гола предност пред Манасков од контранапад со две одлични реализации да израмни на 16-16.
Манасков е најефикасен во нашите редови со четири гола, Кире Лазаров, Георгиевски, и Стоилов постигнаа по три, а Кузмановски два погодоци во ова потпросечно прво полувреме. Јасно е, мора да се најде мотив за далеку подобра игра, пред се во одбраната, за со победа да се заврши настапот на овој шампионат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА