ЕКИПА во Келн,
Стеван Цаневски
Македонската репрезентација го освои 15. место на СП 2019 откако денеска во својот последен меч триумфираше со 32-30 над Чиле. Стануваше збор за дуел во кој тешко се наоѓаше мотивација, но македонските ракометари во самиот финиш успеаја да го скршат отпорот на противникот и да стигнат до победата, за прекин на серијата од четири порази на овој Мундијал.
Натпреварот го стартувавме со одлична интервенција на Митревски, со реализација на Стоилов со лоб-удар за почетно водство од 1-0. Раул Гозналес се реши за напад „шест на шест“ кој функционираше сосема солидно, па во раната фаза од мечот поведовме со два гола разлика (4-2, 5-3), а со вториот гол на Стоилов прв пат поведовме со „плус три“ (6-3), но падот на концентрација придонесе противникот за само неколку минути да стигне до израмнување.
Во 18. минута, при водство од 10-9 македонскиот селектор ги направи и првите промени во тимот, Крстевски влезе на местото на Кузмановски, а Пешевски го замени Стоилов. Во нападот делувавме сигурно, но одбраната функционираше очајно, па Чиле даде три гола во четирите минути со играч помалку и стигна и до израмнети 13-13. Завршницата од полувремето мина во знакот на јужноамериканската селекција, која имаше и два гола предност пред Манасков од контранапад со две одлични реализации да израмни на 16-16.
Одбраната делуваше многу подобро на стартот од второто полувреме, Даскалоски застана на голот и обрани пенал, па со двата гола на Кире Лазаров поведовме со 21-18. По чилеанскиот тајмаут Манасков беше исклучен, а противникот го искористи тоа и експресно се врати во натпреварот (21-21). Митревски се врати на голот при израмнети 24-24 откако Даскалоски прими шест гола во серија без интервенција. Чиле даде гол за вдство од 24-25, а Раул пристапи на „седум на шест“ на единаесет минути до крајот.
Веднаш направивме грешка во нападот по која чилеанскиот голман ни даде гол од својот шестерец. Лазаров ја презеде одговорност и со три гола донесе пресврт и водство од 27-26. Митревски одбрани два шута во серија, Македонија преку Манасков поведе со 28-26, па чилеанскиот селектор побара уште еден тајмаут.
На две и пол минути до крајот Кузмановски доби исклучување при примен гол за 30-29. Поповски постигна важен гол на додавање на Кире Лазаров, по што Даскалоски одбрани уште еден пенал и ја осигура победата, изразена со конечни 32-30.
Кире Лазаров беше прв стрелец со девет погодоци, Манасков постигна осум, а Стоилов пет гола при денешната победа, за триумфален крај на овој светски шампионат на кој Македонија го освои 15. место.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА