ЕКИПА во Келн,
Стеван Цаневски
Македонија со победа го заврши настапот на СП 2019 и го освои 15. место на овој Мундијал, идентичен пласман како и на собирот на светската ракометна елита што пред две години се одржа во Франција. Селекторот Раул Гонзалес има договор со Ракометната Федерација на уште неколку години, но на прес-конференцијата по денешниот дуел со Чиле тој истакна дека не е сигурен дали ќе продолжи да ја извршува оваа функција.
„Свесен сум за коментарите дека не сум бил посветен на работата откако сум заминал во ПСЖ. Еве сега ова првенство заврши, па ќе видиме што ќе се случи. Се уште главите се жешки, јас претпочитам своите одлуки да ги донесам кога ќе имам мир. Затоа и велам, не сум сигурен дали ќе останам на клупата на Македонија и за наредните европски квалификации“ – истакна македонскиот кормилар.
Раул Гонзалес не криеше дека е разочаран од конечниот пласман, но сепак посочи дека е важно што победнички се завршува со настапот на светскиот шампионат.
„Честитки до чилеанската репрезентација за одличниот натпревар. Со брзата игра ни создадоа многу проблеми, одбраната 5-1 не функционираше најдобро. Во второто полувреме беа и подобри од нас, но откако почнавме „седум на шест“ го свртевме резултатот и на крајот заслужено славевме. Не сме среќни бидејќи сакавме да ја минеме групата, но добро е да завршиме со победа“ – изјави Гонзалес на прес-конференцијата по натпреварот.
На прес-конференцијата присутен беше и пивотот Милан Лазаревски, кој денеска за првпат беше во составот на Македонија, но не доби шанса на теренот за да дебитира на Мундијалот.
„Ова беше израмнет натпревар, тежок за двете селекции. Нападот беше добар и на двете страни, ние го добивме мечот во финишот и заслужено славевме бидејќи имавме повеќе опции во нападот, како и клучни одбрани на голманите“ – изјави Милан Лазаревски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА