Британската крајбрежна стража ја прекина потрагата по малиот авион во кој синоќа исчезна фудбалерот Емилијано Сала. За жал, судските истражители ја потврдуваат вистината која сите се плашеа да ја слушнат: Пронајдени се делови од авионот, а согласно околностите Сала немал шанси да преживее иако неговото тело се уште не е пронајдено.
Аргентинецот за 17 милиони евра се пресели од Нант во Кардиф. Во саботата потпиша за англискиот клуб, а неделата отпатува во Нант да се поздрави со Ваха Халилхоџиќ и поранешните соиграчи. За жал, малиот авион со кој полета на враќање се срушил во водите на Атлантскиот океан.
По доаѓањето во Франција на својот пријател и соиграч Николас Палоис му соопштил дека летот од Кардиф бил крајно непријатен, искажувајќи загриженост за својата сигурност. И, очигледно бил во право. Контролата на летот во понеделникот околу 20 часот изгубила секаков контакт со авионот кој на радарот последен пат е забележан меѓу Велика Британија и Франција.
Во денешното пребарување над тие води пронајдени се бројни предмети кои се смета дека се од авионот… Но, смртта на фудбалерот се уште не може да се потврди, иако истражителите велат дека речиси е невозможно Сала да преживеал.
„И натаму се надеваме дека Сала е жив, иако сите сме свесни дека шансите за тоа се многу мали. Тежок губиток… Сите сме потресени премногу“ – изјави Халилхоџиќ, нагласувајќи дека Сала му бил како син.
Навивачите на Кардиф и Нант веќе почнаа да се збогуваат со напаѓачот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА