Актуелниот НБА првак, Голден Стејт си го врати приматот, прв претендент за шампионскиот трофеј со одличната серија од девет последовни победи по кои се одлепи на врвот на Западната конференција. „Вориорс“ славеа на гостувањето кај Вашингтон со 126-118. Стеф Кари беше одличен во триумфот, постигна 38 поени, Кевин Дурант уфрли 20, а Демаркус Казинс 17. Голден Стејт сега има биланс од 34/14, подобар ефект има само лидерот на Исток, Милвоки.
Во четвртата последовна победа на Оклахома, Расел Вестбрук го забележа најбрзиот трипл-дабл сезонава. Оклахома славеше над Њу Орлеанс со 122-116, а Вестбрук веќе на стартот од третата четвртина имаше двоцифрен број поени, скокови и асистенции. Дуелот го заврши со 23 поени, 17 скока и 16 асистенции. Ова за него е 15. трипл-дабл ефект сезонава.
Пол Џорџ исто така имаше одлично издание, постигна 23 поени, имаше 11 скока и седум асистенции. Оклахома излезе од лошиот резултатски период во кој имаше пет порази на седум натпревари и се зацврсти на третата позиција на Запад со биланс од 30/18.
Во отсуство на Леброн Џејмс, Лос Анџелес Лејкерс се повеќе заостануваат во трката за позиција која води во плеј-офот. По поразот од Минесота (120-105), трет последовен, Лејкерс имаат една победа помалку и два пораза повеќе од градскиот ривал, Лос Анџелес Клиперс кој е на осмото место во Западната конференција. Тандемот Вигинс-Таунс со 23 односно 27 поени ја предводеше Минесота со успехот. Кај Лејкерс по 14 натпревари отсуство се врати Ражон Рондо и псотигна 15 поени, а имаше и 13 асистенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА