Гостивар во одличен натпревар славеше над Куманово со 81-78 во дерби-дуелот од 12. коло во кошаркарскиот шампионат. Марјан Србиновски мора да биде задоволен од карактерот на својот тим, откако гостиварци се вратија од двоцифрена негатива во последната четвртина и со изввонреден камбек стигнаа до посакуваниот триумф
Првата четвртина заврши со предност на Куманово од 19-23, но Гостивар заигра многу подобро во одбраната во првите пет минути од втората четвртина, со што домашните кошаркари стигнаа и до двоцифрена предност (36-26). Ковач погоди две тројки во вистински момент и ги разбуди кумановци, кои на одмор заминаа со шест поени негатива (41-35).
Советите што тренерот Петровиќ им ги даде на своите избраници на паузата вродија со плод, па Куманово заигра многу подобро и го сврте резултатот во своја полза. Во третата четвртина на теренот за Гостивар се појави и новиот Американец Тенк Ефианаи, реализирајќи шест поени за десет минути игра. Гостите го контролираа резултатот во поголемиот дел од последната четвртина, на шест минути до крајот и тие имаа двоцифрена предност (57-68), но гостиварци предводени од репрезентативецот Костовски се вратија, приближувајќи се на само еден поен разлика на две минути до крајот (75-76). Кризата во нападот на Куманово стануваше се поголема, а Ефинаи со тројка за 78-76 на 50 секунди до крајот предизвика еуфорија меѓу домашните фанови.
Петровиќ побара тајмаут, Тасовски направи лична грешка врз Думиќ, по што плејмејкерот на Куманово од линијата за слободни фрлања израмни на 78-78. Гостивар го имаше последниот напад, Србиновски зеде тајмаут, а потоа следеше лична грешка врз Костоски, за нови два прецизни „пенали“ и водство на Гостивар од 80-78. Думиќ ја презеде одговорноста и се обиде со тројка да им ја донесе победата на гостиварци, но беше непрецизен, па Гостивар излезе како победник од овој извонреден натпревар.
Костовски со 22 поени беше најдобар поединец во победничкиот тим, каде двоцифрен ефект имаше само уште Фустингер со 11 поени. Думиќ со 18 и Тодоровски со 15 поени беа најефикасни во таборот на Куманово.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА