Нант бара голман, Думулан „во аут“ до јуни

Сирил Думулан речиси цел Мундијал му беше резерва на Винсен Жерар, потоа доби шанса од првата минута во „малото финале“ во Хернинг и заработи тешка повреда.

Одличниот голман настрада при еден од головите што ги постигна Пол Друкс, кога лошо доскокна и остана да лежи на теренот. По укажаната лекарска помош тој веднаш се упати кон соблекувалната, а денешните лекарски прегледи само ги потврдија „црните прогнози“ – станува збор за кинење на лигаментите во коленото, што значи и предвремен крај на сезоната за Думулан.

Во небрано во целата ситуација се наоѓа Нант на нашиот Кире Лазаров, со оглед на фактот дека Думулан беше еден од главните адути на тренерот Анти во битките во Лигата на шампионите и во француското првенство. Нант во моментов го има само 40-годишниот Арно Сифер на голманската позиција, па јасно е дека актуелниот европски вицепрвак ќе мора час поскоро да ангажира нов чувар на мрежата.

 

Се вчитува...