Македонската А футсал репрезентација од 31. јануари до 3. февруари ги игра натпреварите од предквалификацискиот турнир за пласман во Елитна рунда квалификации на Светското првенство. Во малата сала во спортскиот центар „Јане Сандански“, Македонија е домаќин на турнирот на кои ќе се соочиме со селекциите на Грција, Албанија и на Сан Марино.
Нашата репрезентација предводена од селекторот Иван Божовиќ воведниот натпревар го игра против селекцијата на Грција (31. јануари, 20 часот), на 1. февруари играме против Сан Марино, а во третото коло се соочуваме со Албанија (3. февруари, 20 часот).
Капитенот Зоран Левески, кој има 126 натпревари во дресот на македонската футсал репрезентација, смета дека ќе ја оправдаме фаворитската улога на турнирот во Скопје и ќе се пласираме во следната квалификациска фаза.
„Македонија е фаворит на овој турнир во Скопје и ќе се обидеме таа улога да ја оправдаме. Уште повеќе затоа што првото место во групата носи пласман во втората квалификациска рунда која се игра во Украина, против домашната селекција, Словенија и уште една репрезентација која ќе избори место преку предквалификациски турнир. Сметаме дека „украинскиот пат“ е далеку подобар за нас, отколку групата на која домаќин е Романија и кадешто Казакхстан е апсолутен фаворит. Во однос на нашиот дел од работата за претстојниот турнир, сметам дека треба да отвориме со победа против Грција, која реално е послаба селекција, Сан Марино е аутсајдер, додека клучен за првото место би требало да биде дуелот против Албанија. Иако според рејтинг се послаби од нас, треба сериозно да ги сфатиме бидејќи имаат квалитетни играчи, двајца во италијанската втора лига, но се надевам дека ќе одиграме зрело и организирано и ќе стигнеме до зацртаната цел, а тоа е прво место во групата“, изјави Левески за официјалниот сајт на ФФМ.
За трите натпревари од турнирот во „Јане Сандански“, селекторот на Македонија, Иван Божовиќ вели дека колективот треба да биде наша најсилна страна, нашиот предводник се надева на победа во трите натпревари и прво место.
„Групата е добра, можеме да се надеваме на прво место, иако нема да биде воопшто лесно. Сан Марино е аутсајдер, Грција е со подмладена репрезентација и нов селектор и тука мислам дека треба да одработиме без големи проблеми. Главната битка ќе ја водиме против Албанија која има квалитетен состав, речиси сите во тимот на албаниците се интернационалци, а засилени се и со бразилец. Во нашиот тим ќе недостасуваат Данило и Мицевски поради повреди, но сметам дека колективот ќе биде на висина на задачата и ќе успееме да оствариме три победи со што би се пласирале во следната рунда која се игра во Украина, а тоа е поповолно за нас, отколку да одиме на мегдан во Романија, против домашната селекција и големиот фаворит Казахстан“, истакна Божовиќ.
Базата на македонската футсал репрезентација во хотелот „Александар Палас“ ја посетија и им дадоа поддршка и првите луѓе на ФФМ, в.д. претседателот, Муамед Сејдини и генералниот секретар, Филип Поповски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА