Бенитез со услуга за Ливерпул: Сити нокаутиран во Њукасл

Манчестер Сити направи огромен чекор наназад во трката за титулата откако вечерва загуби на гостувањето против Њукасл со 2-1. Поранешниот сратег на Ливерпул, Рафа Бенитез, му направи огромна услуга на овој клуб, давајќи му шанса со триумф утре на домашен терен над Лестер повторно да дојде до „плус седум“ во трката за титулата.

Пеп Гвардиола има за што да жали ако се знае дека неговиот тим стигна во водство уште во првата минута, откако Агуеро се најде на вистинско место и ја затресе мрежата на Њукасл, негов 15. гол во дуелите со денешниот ривал. Њукасл трпеливо чекаше шанса, а таа се укажа во второто полувреме, кога Рондон со ножички израмни на 1-1. „Граѓаните“ станаа нервозни и почнаа да грешат, а по еден таков „кикс“ Фернандињо направи пенал по загубена топка, што Ричи го претвори во гол за голема победа на Њукасл.

Серијата од осум победи на Оле Гунар Солскјер од седнувањето на клупата на Манчестер Јунајтед конечно беше прекината вечерва, откако „ѓаволите“ сосема неочекувано ремизираа на домашен терен со Барнли (2-2). Рашфорд промаши стопроцентна шанса во првото полувреме, а казната стигна во вториот дел, кога Переира наивно загуби топка на 25 метри од својот гол, по што Вуд биеше прецизно во мрежата на Де Хеа. Истиот фудбалер зголеми на 0-2 на десетина минути до крајот, а кога се чинеше дека се ќе биде готово домаќините се вратија, најпрвин Погба од пенал намали на 1-2, пред Линделоф со својот прв гол во дресот на Јунајтед, во судиското продолжение да спаси бод за „црвените ѓаволи“.

Се вчитува...