Монако игра катастрофално сезонава, Тиери Анри се покажа како тотално промашување, па откако „кнезовите“ го вратија Жардим на клупата, на старо-новиот тренер му ветија и неколку квалитетни засилувања што ќе бидат од сериозна помош во борбата за опстанок. Пред самиот крај на преодниот рок поранешниот француски првак обезбеди три нови потписи, играчи со кои шансите за останување во елитата значително се зголемуваат.
Навалната линија ќе биде посилна за Жорџ-Кевин Нкуду, 23-годишниот крилен офанзивец од редовите на Тотенхем. Овој играч не се снајде најдобро во Премиер-лигата откако претходно играше во добра форма за Олимпик Марсеј, а „кнезовите“ договорија негова позајмица до крајот на сезонава, со можност летово целосно да биде откуен неговиот договор со „спарси“.
Уште еден фудбалер доаѓа од Премиер-лигата, и тоа Адриен Силва од редовите на Лестер. Португалецот од претходно се наоѓаше на листата со желби на Жардим, но го избра Лестер и погреши. Силва не се адаптираше во овој клуб, па доби зелено светло за заминување, во директна размена за Јури Тилеманс, младиот Белгиец кој не ги оправда очекувањата на Монако по трансферот од Андерлехт.
Бразилецот Карлос Винициус е третото засилување за „кнезовите“, фудбалер на Наполи кој првиот дел од сезоната го мина на позајмица во Рио Аве. Тој постигна осум гола на 14 одиграни средби во португалското првенство како офанзивен играч за врска и се очекува веднаш да добие првотимски статус во тимот на Жардим, се со цел да се влезе во победнички ритам и да се побегне од опасната зона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА