Блокотехна стигна до петтата овосезонска победа во БИБЛ-лигата откако тимот од Гевгелеија вечерва славеше на домашен терен против Барси со резултат 85-72. Одличната втора четвртина беше доволна за македонскиот претставник да го скрши отпорот на гостите од Казахстан, стигнувајќи до предност што потоа избраниците на Марјан Илиевски рутински ја одржаа до самиот крај на натпреварот.
Првите десет минути минаа во израмнета игра и промени на водството, за Блокотехна да ја заврши четвртината со минимални 22-20, со двете слободни фрлања што во финишот ги реализираше Пен. Во продолжението работите во свои раце ги презеде капитенот Горан Главчев, преземајќи ја одговорноста во ситуација кога Младеновиќ е повреден, а Николиќ имаше проблеми со личните грешки. Главчев постигна 18 поени до крајот на полувремето, осигурувајќи предност од 48-33 по 20 минути игра. Удобната позитива придонесе Блоко во вториот дел да одигра нешто послабо во нападот, гостите од Казахстан ја спуштија разликата под десет поени, но македонскиот тим одговори на вистински начин, со одлично издание во последните минути стигнувајќи до конечни „плус тринаесет“.
Мијатовиќ со 24 поени беше најефикасен во таборот на Блокотехна, Главчев реализираше 20, а Пен 18 победи во најновиот триумф на тимот од Гевгелија во регионалното натпреварување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА