Гевгелија е подготвена за завршниот турнир од Купот на Македонија, а организаторите на денешната прес-конференција ја отстранија и последната дилема – околу тоа дали ќе биде овозможно присуство на две навивачки групи на еден натпревар. Потенцијалното полуфинале МЗТ – Работнички се чини како голем призик во сала со една трибина, но гевгеличани се убедени дека ќе одговорат на тој предизвик.
„Од утре, вторник, во продажба во салата во Гевгелија ќе се продаваат по цена од 200 денари за четвртфиналните натпревари и по 100 денари за полуфиналните натпревари и за големото финале. Купувањето на билети ќе биде со лична карта, а секое лице ќе може да купи најмногу три билети“ – изјави Ѓорѓи Гетов, претставникот на Кожув.
„Засега до нас како организатори не е стигната најава за доаѓање на организирана навивачка група. Доколку тоа се случи, предвидено е тие да бидат сместени на крајните делови од трибината“ – додаде Драган Ристов, претставинкот на Блокотехна.
На оваа тема говореше и директорот на Македонската Кошаркарска Федерација, Владимир Темелковски.
„Секое натпреварување и се што работиме, уште лани објаснивме дека е согласно со правилата на кошаркарската федерација и со законите на Р. Македонија. Ние како МКФ најавивме неколку натпревари како потенцијален „меч со висок ризик“. Една од причините што го избравме Гевгелија како град-домаќин беше беспрекорната организација на тој дуел со Косово кој и самиот беше со висок ризик . Сепак, кошарката се игра за навивачи, не се игра ниту за МКФ, ниту за градоначалници, туку само за навивачи. На клубовите е да се организираат, навивачите да обезбедат билети и потоа да си имаат место во салата“ – изјави Темелковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА