„Дедото“ Буфон славеше јубилеј, а дебитираше во ЛШ 44 дена пред Рашфорд да се роди

Џанлуиџи Буфон се појави на голот на ПСЖ на вечерашниот дуел на „Олд трафорд“, во нов обид конечно да стигне до посакуваниот трофеј од Лигата на шампионите што му недостига во богатата колекција на пехари што ги има освоено во текот на блескавата кариера. Неочекувано, тој речиси и да немаше работа, во 90 минути игра во рамките на неговиот гол беше упатен само еден единствен удар, па Буфон токму на „театарот на соништата“ го имаше својот јубилеен 50. меч без примен гол во ЛШ.

Буфон е само третиот голман во историјата на ЛШ кој успеал да стигне до оваа бројка, зад Икер Касилјас со 59 и Едвин ван дер Сар со 51 меч без примен погодок во елитното европско натпреварување.

 

Најголемата опасност по неговиот гол требаше да дојде од Маркус Рашфорд, а токму тука е интересна и споредбата – младиот ас на Јунајтед воопшто и не бил роден кога Буфон дебитирал во елитното европско натпреварување.

Рашфорд е роден на 31 октомври 1997 година, 44 дена откако италијанскиот голман прв пат застана на голот на Парма на меч од Лигата на шампионите. Оттогаш минаа неполни 22 години, а Буфон се уште е дефиниција за врвен голман.

Се вчитува...