Војдан Стојановски одигра извонредно прво полувреме за Олденбург против Баерн Минхен, предводејќи го својот тим до фантастична победа над актуелниот првак на Германија (83-82).
Домаќините беа во елемент во првите 20 минути, кога предводени од Стојановски стигнаа и до предност од десет поени (50-40). Македонскиот капитен постигна 14 поени, со шут за два 6/6 и две погоди слободни фрлања од исто толку обиди. Покрај ова, Војдан имаше и две украдени топки и еден офанзивен скок до крајот на полувремето.
Олденбург не можеше да го издржи ритамот во вториот дел за да ја задржи убедливата предност, а домашниот тренер неочекувано му даде и помала минутажа на македонскиот ас, иако Војдан беше најдобар поединец на теренот во првите 20 минути. Се влезе во неизвесен финиш, а во последните четири секунди при резултат 80-82 домашниот тим доби подарок од судијата, сомнителен прекршок за три слободни фрлања на Камингс што Американецот ги претвори во поени, за голема радост на Стојановски и соиграчите.
Македонскиот ас го заврши мечот со 16 поени, три скока и три украдени топки, со што беше втор стрелец на Олденбург, зад херојот Камингс со 20 постигнати поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА