Неполни 24 часа откако Атлетико Мадрид го задржа Диего Симеоне со нов договор, истото го стори и раководството на Барселона со Ернесто Валверде. Договорот на Валверде со Барса истекуваше на крајот од сезонава, па каталонците сакаа час поскоро да го решат овој проблем за фокусот целосно да биде врз играта и резултатите на теренот.
Трофејниот стручњак денеска потпиша договор за сезоната 2019/2020, со можност истиот да биде продолжен за уште една дополнителна година доколку Барса бележи добри резултати во тој период.
Ернесто Валверде досега ја водеше екипата на Барселона на 96 натпревари, стигнувајќи до 65 победи, 22 реми и само девет порази. Во првата сезона стигна до двојната круна во Шпанија, но како црна дамка му остана убедливиот пораз од Рома и елиминацијата во четвртфиналето од Лигата на шампионите. Тој беше на чекор да ја одведе Барса до историска сезона без ниту еден претрпен пораз во „Ла Лига“, но неочекувано загуби на гостувањето против Леванте, меч на кој Валверде тактизираше и му даде одмор на Лионел Меси.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА