АБА-лигата би можела сериозно да добие на квалитет од наредната сезона откако раководството на Олимпијакос покажа сериозен интерес да се приклучи на регионалното натпреварување од 2019/2020. Ваквиот интерес следи по големиот конфликт што „црвено-белите“ од Атина го имаат во домашното првенство, со лутиот ривал Панатинаикос, но и со челниците на кошаркарската федерација во својата земја.
Судиските неправди беа причина Олимпијакос да не се врати на терен во полуфиналето од Купот на Грција, а челниците на клубот во текот на вчерашниот ден објавија соопштение дека ниту во иднина нема да излезат на паркет против ПАО доколку не бидат избрани странски судии за овие натпревари. Грчката федерација засега не покажува знаци дека планира да го задоволи ова барање на Олимпијакос, што е причина тимот предводен од Дејвид Блат да почне да разгледува опции за наредната сезона.
Учеството во Евролигата е загарантирано за Олимпијакос, па челниците на клубот сакаат наместо грчкото првенство да станат дел од АБА-лигата, која исто така ќе им понуди голем број на квалитетни мечеви низ сезоната. Засега се останува на првична идеја, но не се исклучува можноста во блиска иднина да се седне на маса со челниците на регионалното натпреварувања и да се разговара за конкретнo решение како Олимпијакос би станал дел од АБА.
Со ова лесно може да се случи грчкиот гигант следната сезона да го гледаме и во Скопје, доколку македонскиот претставник МЗТ Скопје ја крене формата во клучниот дел од сезоната и успее да обезбеди враќање во елитното кошаркарско друштво во регионот. „Металците“ моментно се наоѓаат на третото место во АБА2 лигата со скор 13-6, една победа малку од второпласираниот тим на Спарс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА