Озил ги фрустрира „топчиите“ – зема луда плата, не игра и не сака да си замине

Арсен Венгер му создаде огромни проблеми на Арсенал на долг рок кога инсистираше да биде потпишан нов договор со Месут Озил. Германскиот генијалец играше крајно променливо, но доби плата од неверојатни 350.000 фунти неделно, а по заминувањето на Венгер тој речиси и да не е дел од плановите на новиот менаџер Унаи Емери.

Шпаскиот стратег има ограничени средства во буџетот, но и незадоволство во тимот, поради платата што ја зема Озил, поради што веќе му кажал на Германецот дека не смета сериозно на неговите услуги. Управата стори се што можеше за да го испрати на позајмица до крајот на сезонава, беше постигнат и договор со ПСЖ, но се пропадна откако Озил самиот ја отфрли можноста за преселба во Франција.

„Управата и Емери се исфрустрирани од Месут, кој го одби ПСЖ и веќе им даде до знаење дека нема намера да оди никаде на позајмица. Тој зема луда плата, не игра и не сака да си замине, проблемот е огромен“ – откриваат членови на лондонскиот клуб.

Со оглед на очајната форма, тешко е да се поверува дека ќе се најде клуб во Европа што може да му даде приближна плата на Озил на онаа што ја зема во Арсенал. Што само по себе значи дека главолките на Унаи Емери и на „топчиите“ нема да престанат во блиска иднина.

Се вчитува...