Сапуницата околу статусот на Мауро Икарди во Интер доби уште една епизода откако беше обелоденето дека аргентинскиот ас инсистира да замине на операција на коленото, што не му е дозволено од страна на управата на „нероаѕурите“. Голгетерот не сака да попушти во војната и решен е да не настапи на ниту еден натпревар до крајот на сезонава, откако му беше одземена капитенската лента, што за Икарди наводно било големо понижување.
Тој се жали на повреда на коленото и бара да замине на операција, што ќе значи повеќемесечна пауза и негово дефинитивно „платено отсуство“ до крајот на сезонава, за кога се очекува заминување од „Џузепе Меаца“. Сепак, лекарскиот тим на Интер уште минатата седмица преку соопштение објави дека „состојбата на коленото на Икарди воопшто не е променета од почетокот на сезонава“, јасно ставајќи до знаење дека станува збор за глума и „игра“ во која клубот нема да потклекне.
Весникот „Кориере дело спорт“ тврди дека не отстапува ниту Икарди, кој инсистира дека чувствува болка во коленото и мора што поскоро да биде опериран, за да си ја спаси кариерата.
Јасно е, вакви игри се честа појава во конфликтите меѓу играчи и клубови, но разгорувањето на војната е само предзнак дека конфликтот многу тешко ќе се смири до крајот на сезонава. А кога ќе стане јасно дека Икарди ќе си замине, ќе падне и неговата цена на пазарот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА