Купот на Македонија е вистинска шанса за струмичка Беласица за излез на европската сцена следната сезона. Ситуација која би била повеќе од идеална за струмичкиот прволигаш кој, пак, во шампионатот е низ тешка битка за опстанок.
Токму затоа полуфиналните пресметки со Македонија ЃП се гледаат како сериозна шанса за влез во финалето на најмасовното домашно клупско натпреварување.
„Максимално сериозно пристапуваме уште на првиот полуфинален дуел кој не очекува денеска во Струмица. Не е никаква тајна дека желбата на Беласица е пласман во финалето на Купот. Но, за сето тоа ќе ни биде неопходна победа на денешниот дуел против Македонија ЃП. За мене секоја победа без примен гол е задоволувачка. Секако не очекува тежок натпревар против тим кој на дуелот против Шкендија потврди дека поседува сериозен квалитет. Добро е што ќе бидеме комплетни и мотивирани за триумф“ – вели тренерот на Беласица, Раде Цицмиловиќ.
Натпреварот од полуфиналето во Купот на Македонија меѓу Беласица и Македонија ЃП се игра денеска со почеток од 14 часот на стадионот „Младост“ во Струмица. Реваншот е закажан за 10. април во Скопје.
Вториот полуфинален натпревар од Купот на Македонија меѓу Академија Пандев и Победа, поради тоа што и „пандевци“ како домаќини треба да играат на „Младост“ во Струмица, ќе се игра на 6. март.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА