По трите порази во една седмица со кои Реал Мадрид ги загуби шансите за освојување на трофеј оваа сезона, во следниот преоден рок се очекува потполна промена на тимот кој доминараше со европскиот фудбал изминатите три години.
Мадридскиот клуб не успеа да се опорави од заминувањето на Кристијано Роналдо и Зинедин Зидан, а од новите играчи единствена светла точка беше 18-годишниот Бразилец Винисиус Жуниор.
Иако навивачите на Реал Мадрид бараат заминување и на претседателот Флорентино Перез, тоа нема да се случи. Изгледно е дека Перез ќе го растури тимот кој четири пати во пет години го освојуваше популарниот „пехар со уши“.
Заминуваат Бејл и Марсело
Од клубот сигурно заминуваат Герет Бејл и Марсело. По заминувањето на Роналдо, Велшанецот требаше да биде главна напаѓачка сила, а половина година подоцна тој е на клупата за резерви и е во караница со навивачите кои бараат негово заминување. Бејл наредната сезона ќе се пресели во некој од тимовите од Премиер лигата.
Марсело со својата лоша форма го загуби статусот на првотимец од страна на младиот Регуљон и не планира да остане во тимот, а особено и поради фактот што за него е заинтересиран италијанскиот гигант Јувентус, во кој летово се пресели неговиот добар пријател Кристијано Роналдо.
Се бара замена за Бензема, Крос никогаш полош, Иско почесто на трибините отколку на теренот
Тука не е крајот на продавањето играчи. Карим Бензема е во лоша форма, на Реал му треба убиствен напаѓач, а Французинот сигурно не би сакал да биде резерва.
Тони Крос е во најлоша форма откако во 2014 година пристигна во Мадрид, и се погласно се шпекулира дека ова му е последна година во клубот. Во иста ситуација се наоѓа и Иско кој веќе неколку месеци е во конфликт со Солари.
Извесно е дека Ваљехо и Мариано го напуштаат клубот, а дел од шпанските медиуми пишуваат дека на излезна врата е и голманот Кејлор Навас.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА