Поранешниот предводник на Реал Мадрид, Хулен Лопетеги одлучи да го тужи „кралскиот клуб“ поради прерано раскинатиот договор. Лопетеги од судот во Шпанија ќе бара отштета вредна 28 милиони евра, откако не успеа да постигне договор со Флорентино Перез околу висината на отпремнината што требаше да ја добие при добиениот отказ.
Шпанецот минатото лето се обврза на тригодишен договор со „Кралевите“, што значеше напуштање на репрезентацијата на Шпанија непосредно пред започнувањето на Светското првенство во Русија.
Лопетеги говореше дека нема ништо против поранешниот клуб, но дека претседателот Флорентино Перез воопшто не му се јавил кога добил отказ. По долго размислување тој одлучил на тимот од Мадрид да му направи уште еден проблем и да поднесе тужба против него.
Шпанскиот стратег го водеше Реал Мадрид само на 14 натпревари. На тие забележа по шест победи и порази и две нерешени, а отказот му беше врачен по убедливиот пораз од Барселона од 5-1.
Неговото место го зазема Аргентинецот Сантијаго Солари, кој сега исто така се наоѓа пред отказ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА