Реал одигра катастрофално, а навивачите на „Сантијаго Бернабеу“ едногласно бараа смена на Флорентино Перез од претседателската функција. Јасно е, ова тешко му падна на првиот човек на најтрофејниот европски клуб, кој едвај дочека кошмарниот меч да заврши и да се упати кон соблекувалната за сериозни разговори со фудбалерите.
Весникот „Ас“ открива дека атмосферата била максимално тензична. Флорентино ги обвинил играчите за недоволна посветеност, а на Солари му забележал за големиот број на слободни денови што им ги давал заслужено. На неговата „листа“ се нашол и капитенот Серхио Рамос, кој намерно доби жолт картон во финишот од реваншот во Амстердам. Сепак, за разлика од останатите, Рамос е доволна голема „ѕвезда“ за да може да му врати на првиот човек на клубот.
„Ти си виновен за ова што се случува, ти и бордот на директорите. Лошо планирање, тоа е причината. Ако треба и јас ќе си заминам, плати ми и ќе си одам. Секогаш сум давал се за клубот, за овој дрес, дури и за тебе лично“ – гласно му одговорил Рамос на Флорентино, пред целокупниот стручен штаб и остатокот од тимот.
По конфликтот со Рамос првиот човек на клубот свикал состанок на бордот на директори што траел до 2 часот наутро, но не била донесена одлука за смена на Солари, бидејќи „кралевите“ се свесни дека немаат квалитетна опција за тренер во ваква ситуација, пред крајот на загубена сезона и во ситуација кога летово ќе биде ангажиран нов стратег.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА