Атлетико Мадрид ќе мине уште една сезона без освоен трофеј, а Диего Симеоне е подготвен за дополнителен ремонт во создавањето на екипа со која би парирал на Барселона во трката за титулата. Единсон Кавани е фудбалерот што Симеоне веќе подолго време сака да го ангажира како предводник на нападот на Атлетико. ПСЖ досега ги одбиваше сите понуди, но овојпат ситуацијата е поинаква бидејќи Кавани летово ќе има само уште 12 месеци од договорот со „светците“.
Тој не сака ни да чуе за продолжување на соработката, односите со Нејмар му се нарушени, а тренерот Тухел веќе почнал да разгледува и нови напаѓачи како опции за наредната сезона. Цената не би требало да биде повисока од 25 милиони евра, а Симеоне ќе ги обезбеди овие пари од продажбата на Диего Коста.
Проблематичниот голгетер го загуби првотимскиот статус со доаѓањето на Мората, па сега и самиот инсистира на заминување, а управата е подготвена да даде зелено светло. Коста во изминатата година одби две богати понуди од Кина, а токму оваа далечна земја е негова најверојатна дестинација бидејќи му нуди убедливо најдобри финансиски услови. Воедно, Атлетико би заработил околу 60 милиони евра од продажбата на Коста во Кина, пари со кои Симеоне покрај Кавани би можел да доведе уште едно квалитетно засилување за својот тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА