Давор Шукер: Политиката не смее да се меша во фудбалот, Статутот на ФФМ е усогласен со УЕФА и ФИФА

Светската фудбалска организација (ФИФА) и Европската куќа на фудбалот (УЕФА) и даваат максимална поддршка на Фудбалската федерација на Македонија да продолжи со работа и да ја развива фудбалската игра во нашата држава. Хеиди Беха, менаџер за развој на ФИФА, истакнува дека и понатаму ќе го помага македонскиот фудбал.

„ФИФА секогаш ќе има подадена рака за помош за Македонија и за Фудбалската федерација на Македонија. Среќни сме што фудбалот на овие простори се развива и ќе продолжиме несебично да ве помагаме. Како поранешна фудбалерка, би сакала го развивате и женскиот фудбал, и сите останати сегменти. Продолжете да работите напорно и резултатите ќе бидат видливи“, изјави Хеиди Беха, менаџерката за развој на ФИФА.

Давор Шукер, членот на Извршниот комитет на УЕФА, и претседател на Фудбалската федерација на Хрватска, недвосмислено истакна дека Статутот на ФФМ е усогласен според статутите на УЕФА и на ФИФА.

„Би сакал конкретно да кажам дека Статутот на ФФМ е во согласност со статутите на УЕФА и на ФИФА. Имате комплетна поддршка, вие сте ДНК на македонскиот фудбал и не треба да дозволите политиката да се меша во фудбалот“, изјави Давор Шукер.

На Изборното собрание на ФФМ се присутни 90 делегати од вкупно 96. Претседавач на седницата е Јордан Микцовски, највозрасниот делегат на Собранието на Фудбалската федерација на Македонија.

 

Се вчитува...