Екипата на Астана бележи извонредни резултати во ВТБ-лигата, каде казахстанскиот првак испиша историја обезбедувајќи пласман во плејофот на шест кола до крајот на регуларниот дел од сезоната. Најзаслужен за тоа дефинитивно е Емил Рајковиќ, македонскиот стратег кој експресно успеа да ја наметне сопствената кошаркарска филозофија и да земе скалпови на тимови со евролигашко минато како Локомотив Кубан и Уникс Казан.
„Мислам дека она што пресуди е што наметнавме еден систем на работа поразличен од претходно, составивме тим без „ѕвезди“, туку силен колектив во кој секој си ги знае задачите и во нападот и во одбраната. Домашните кошаркари исто така добија шанса, дел од нив извонредно ја искористија и сето тоа придонесе да се создаде одлична тимска хемија, што ни донесе резултат. Досега имавме скор од 13 победи и седум порази, а како најдраги би ги издвоил оние на гостувањето против Локомотив Кубан со 71-90, како и триумфот на гостински терен со Уникс Казан, кога со зонски пресинг се вративме од „минус осум“ на помалку од две минути до крајот и триумфиравме со 95-98“ – истакнува Рајковиќ за ЕКИПА.
Предизвикот допрва следи, битка во плејофот со најсилните тимови во Русија.
„Кога дојдов зацртана цел ми беше по две години пауза да ја вратам Астана во плеј-офот од ВТБ-лигата, го сторив тоа во најрана можна фаза од сезоната кога станува збор за историјата на мојот клуб. Секако дека не планираме да застанеме, но илузорно е сега да најавувам дека сигурно ќе ја минеме првата рунда од плеј-офот кога таму би можеле да играме со ЦСКА, Химки, Уникс Казан… Ќе се бориме до крај, ќе се обидеме да приредиме изненадување, а во меѓувреме приоритет ќе ни стане освојување на двојната круна во Казахстан. Купот на Казахстан се игра на почетокот од април и може да биде незгоден бидејќи тука играат исклучиво домашни кошаркари, додека во битката за титулата имаме право на двајца странци“ – вели Рајковиќ.
Во ситуација кога бележи историски успеси, нормално е што македонскиот стратег веќе доби и понуда за нов договор од раководството на Астана.
„Сите се задоволни од играта и од резултатите. Кога дојдов потпишав договор на една година, но управата не ја крие желбата дека сака да ме задржи. Веќе почнаа и разговорите со мојот агент, кој неодамна дојде во посета на Казахстан и се сретне со водечките луѓе на клубот. Интерес во меѓувреме покажаа уште неколку клубови, но се уште е рано за да се донесе одлука. Во моментов сум фокусиран само на обврските кон Астана, а одлуката за продолжување на кариерата ќе ја донесам откако ќе заврши сезоната“ – порачува Емил Рајковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА