Матлиески: Пролет ќе биде „нагазна мина“ во плеј-офот

Првичната цел е реализирана, Тинекс Пролет повторно е дел од ракометниот плеј-оф откако нашата екипа составена исклучиво од македонски ракометари успеа да се пласира меѓу најдобрите четири клубови во Супер-лигата. Сега пред Пролет е нов предизвик, настап во плеј-офот против екипите кои ќе водат борба за титулата во македонскиот шампионат.

„Пред се би сакал да им честитам на моите ракометари за сето она што го прикажаа во изминатите месеци, од почетокот на сезоната па се до крајот на Супер-лигата. Покажаа и карактер и квалитет, одиграа квалитетни натпревари и заслужено стигнавме до плеј-офот. Ждребот ни го додели Бутел на почетокот, што е позитивно за нас, можеби е лошо што во последното коло играме со Пелистер во Битола, ќе беше подобро ако во последниот меч игравме во Скопје, но што е тука е, не менуваме ништо во нашата желба за добар настап и надигрување со противниците“ – истакнува тренерот Никола Матлиески.

А на престојните десет натпревари на Тинекс Пролет, желба на Матлиески е ракометарите да покажат уште посилен карактер.

„Некои клубови веќе однапред се прогласуваат за фаворити, нам тоа не ни пречи. Во ред е да сме аутсајдери, но мое мислење е дека ние исто така ќе бидеме и „нагазна мина“ на која најмалку еден фаворит ќе настрада. Не сакам да давам прогнози за конечниот пласман, за мене успех ќе биде ако играме добар ракометар на сите натпревари и доколку формата на ракометарите продолжи да се движи во нагорна линија и во клучниот дел од сезоната. Тоа ќе ме направи најсреќен од се, а воедно ќе ни донесе и солиден резултат“ – порачува Матлиески.

Се вчитува...