Блокотехна го заврши регуларниот дел од сезоната во БИБЛ на второто место, повторно обезбедувајќи учество на фајналфор турнирот што годинава ќе се одржи во Тирана. Ефектот од девет победи и три порази е уште поважен ако се знае дека Блокотехна подоцна се вклучи во натпреварувањето, па и со згуснат распоред стигна до втората позиција.
„БИБЛ е одлично натпреварување, пред се бидејќи одигравме голем број на квалитетни натпревари. Пресреќни сме што втора година по ред успеавме да се пласираме на Ф4 турнирот, што не е мала работа. Ќе дадеме се од себе оваа година да направиме чекор понапред во однос на претходната и да се пласираме во финалето“ – истакна капитенот Горан Главчев.
Блокотехна денеска ќе го дознае ривалот во полуфиналето, дали тоа ќе биде домаќинот Теута или бугарскиот претставник Академик Бултекс. Главен фаворит за титулата останува бугарскиот прволигаш Берое, кој сезонава двапати ја совлада Блокотехна.
„Можеби Берое е фаворит на хартија, но тоа би бил еден натпревар во кој ќе пресудуваат инспирацијата и мотивацијата. Ако стигнеме во финалето и таму играме со Берое, ќе имаме свои шанси. Сепак, претходно ќе играме тежок дуел во полуфиналето. Ако можам да бирам, би сакал да се сретнеме со Теута“ – изјави Главчев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА