МЗТ Скопје направи брејк на самиот почеток од полуфиналната серија против Спарс во АБА2 лигата, откако на гостински терен славеше во Сараево над незгодниот ривал со 70-71. „Металците“ цело време бркаа негатива, но покажаа неверојатен карактер, не се предадоа ни при „минус 17“, за на крајот да триумфираат со поените на Лестер Медфорд на една секунда до крајот.
Натпреварот почна катастрофално за македонскиот состав, кој во првите шест минути игра реализираше само два поени, а Спарс го искористи тоа за да стигне до рано водство од 11-2. Босанскиот клуб го контролираше резултатот и ја заврши почетната четвртина со 19-9, за потоа МЗТ накратко да ссе врати во текот на вториот период. Со тројката на Симоновски „металците“ се приближија на 24-23 на пет минути до крајот на полувремето, но следеше нова очајна серија во нападот, бројни грешки што домаќините ги користеа, за со тројката на Јовановиќ да заминат на одмор со преубедливи 42-27.
МЗТ Скопје покажа карактер, па иако на стартот од третата четвртина губеше и со 17 поени разлика (44-27), тимот предводен од Ѓорѓи Кочов успеа да се врати. Конечно беше запрен Камењаш, кој уште во првото полувреме стигна до дабл-дабл од 15 поени и 10 скокови, проработе и нападот, па МЗТ пред крајот на четвртината успеа да стигне и до израмнување од 53-53. „Металците“ имаа и шут за водство, но Медфорд промаши тројка, по што кошаркарите на Спарс повторно влегоа во мини-серија. Домаќините дојдоа до 62-54, но македонскиот претставник ниту тогаш не се предаде, одговори со иста мера, па со тројката на Иванов во 35. минута израмни на 62-62.
На помалку од две минути до крајот Спарс имаше шест поени предност (70-64), но МЗТ најдоброто го сочува за самиот крај – Симоновски ја преполови негативата, во следниот напад прецизен беше Бојиќ, за точка на големиот пресврт со прецизен шут на една секунда до крајот да стави Лестер Медфорд.
Медфорд, Иванов и Симоновски го завршија натпреварот со по 13 поени, додека Самарџиски оствари дабл-дабл од 12 поени и 11 скокови, за голема победа на скопскиот клуб и значаен чекор напред во обидот експресно да се обезбеди враќање во елитното кошаркарско друштво во регионот.
Вториот натпревар од оваа полуфинална серија се игра в недела во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, со почеток во 17 часот, меч на кој победа на МЗТ ќе значи и пласман на македонскиот тим во големото финале од плејофот од АБА2 лигата.
Во второто полуфинале Приморска рутински го доби домашниот натпревар против Борац Чачак со 78-59.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА