Пролет славеше над Бутел со 26-23 на стартот од ракометниот плеј-оф, градска пресметка што мина во знакот на голманите. Во првото полувреме одличен беше Панченко на голот на Бутел, но пресуден сепак се покажа домашниот чувар на мрежата, Стефан Кимевски, кој бранеше извонредно во второто полувреме и му помогна на домашниот тим да стигне до посакуваниот триумф.
Бутел го диктираше темпото на почетокот од натпреварот, пред се поради одличните одбрани на Панченко. Пролет не дозволуваше гостите да се одлепат, па со голот на Манасков домаќините стигнаа и до прво водство на мечот (7-6). Во ритам пред крајот на полувремето кај Бутел влезе Григориев, па на одмор се замина со израмнети 11-11.
Вториот дел донесе сосема поинаква сликата на теренот, Пролет заигра уште подобро во одбраната, Кимевски влезе во серија на интервенции, па гостите првиот гол од игра го постигнаа во 38. минута преку Мајиќ. Сепак, домаќините веќе се здобија со самодоверба, го контролираа резултатот до самиот крај, дури и со ракометар помалку лесно постигнуваа голови и заслужено славеа со 26-23.
Мартин Манасков со осум и Мајнов со пет гола беа најдобри стрелци во победничкиот тим, додека најефикасни во таборот на Бутел беа Григориев со шест и Давидовиќ и Ѓеорѓиевски со по пет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА