МЗТ Скопје обезбеди пласман во големото финале од АБА2 лигата откако македонскиот претставник и во втоиот полуфинален дуел беше подобар од Спарс, овојпат на домашен терен со резултат 84-70. Драматичната победа во Сараево очигледно им ја зголеми самодовербата на избраниците на тренерот Кочов, кои одиграа извонредно, 40 минути го контролираа резултатот и на крајот заслужено се радуваа на големата победа.
Мечот почна со фуриозна игра на „металците“, кои за четири минути поведоа со 11-2. Гостите од БиХ сепак се разбудија, свесни дека ова може да им е последен меч сезонава покажаа дека немаат намера да се предадат без борба. Спарс до крајот на четвртината ја намали негативата на 20-16, а потоа во вториот период добро им парираше на „металците“. МЗТ пред крајот на полувремето стигна до првата двоцифрена предност (41-31), но гостите постигнаа тројки преку Протиќ и Јовановиќ, па на одмор се замина со предност од скромни четири поени за македонскиот вицепрвак (41-37).
Тоа не ги поколеба кошаркарите на МЗТ, кои тргнаа со фанатична одбрана во третата четвртина, оставајќи ги гостите без поен во првите четири минути. Предноста повторно стана двоцифрена, но овојпат за разлика од првото полувреме „металците“ не им дозволија на гостите ниту да се понадеваат на камбек. Ако Спарс влезе во мини-серија, МЗТ имаше одговор преку одличниот Дамјан Стојановски, како и расположенитее Иванов и Медфорд, предноста беше задржана до самиот крај и конечните 84-70.
Иве Иванов беше главна фигура на овој натпревар, постигнувајќи 24 поени, надополнети со девет скока, пет асистенции и три украдени топки. Дамјан Стојановски го заврши мечот со 19 поени, а Медфорд го заврши мечот со 14 поени и девет асистенции.
МЗТ Скопје во финалето ќе се сретне со подобриот од дуелот Приморска – Борац Чачак, на кој словенечкиот тим веќе има предност од 1-0 во победи. Екипата што ќе триумфира во финалната серија ќе обебеди пласман во АБА1, додека поразениот тим ќе игра бараж со Задар за влез во елитното друштво.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА