Далиќ се налути: Вака веќе не оди, мора да се разбудиме

Златко Далиќ веднаш по поразот од Унгарија истакна дека не треба да се прави трагедија од тој неуспех на хрватската репрезентација. Сепак, селекторот на „коцкестите“ е свесен за сериозниот пад во формата на оваа репрезентација по СП 2018, па во изјавата за хрватскиот портал „Индекс“ отворено проговори за проблемите во националниот тим.

„Многу тешко ми падна поразот од Унгарија, но тој е потполно заслужен. Добро почнавме, но по постигнатиот гол се опуштивме, противникот се врати и на крајот славеше со резултатски пресврт. Нема да плачам, на барам алиби, едноставно знам дека имаме проблем. Вака веќе не оди, мораме да се разбудиме. Јас сум главниот виновник, ја преземам одговорноста бидејќи јас сум тој што треба да го извлече максимумот од фудбалерите. Да игравме само со 5% повеќе против Унгарија, лесно ќе победевме. Тоа се факти, мораме да се погледнеме во очи и да си кажеме дека не играме добро. И доколку вака продолжиме, нема да заврши добро за нас. Не можеме да живееме на стара слава бидејќи сме светски вицешампиони“ – истакнува Далиќ за „Индекс“.

Останува да се види дали зборовите на селекторот ќе ги разбудат фудбалерите, кои следниот натпревар од овие квалификации го играат на домашен терен против Велс на 8 јуни.

 

 

Се вчитува...