Покрај европскиот шампион Емил Павлов и Пулексенија Јованоска ќе се бори за бронзен медал на 54. Европско првенство во карате, на кое учествуваат 508 каратисти од рекордни 51 земја.
Во натпреварите во кати според новиот систем на бодување Пулексенија Јованоска мина 3 кола и обезбеди меч за бронзен медал.Нашата најдобра натпреварувачка во кати пред три години во Монпелје оствари пласман на 5 место, што е досега најдобар резултат во оваа дисциплина во поединечна конкуренција.
Емил Павлов, пак, во категорија до 60 килограми имаше три победи и пораз во полуфиналето, со што обезбеди најмалку 5. место. Најдобриот спортист на Македонија за 2018 година двапати беше европски шампион, во 2014 година во Тампере и минатата година во Нови Сад, а во 2016 година во Монпелје освои бронзен медал.
Три одлични борби имаше и Берат Јакупи, кој во категорија – 84 килограми загуби во четвртото коло, но како и на светското првенство во Мадрид немаше среќа да се бори во репасаж. Од другите натпреварувачи, Наташа Стефановска стигна најдалеку од каратистките во борби, со 2 победи во категорија – 61 килограм.
Денеска на програмата на европскиот шампионат се борбите во екипна конкуренција, на кои ќе настапат нашите каратистки и каратисти во борби. Борбите за бронзени медали се во сабота од 9.30 до 11.30 часот, кои ќе се пренесуваат во живо на karateworld.tv каде што ќе настапат Павлов и Јованоска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА