Пол Погба минатата седмица јавно искажа восхит за реномето на Реал Мадрид, истакнувајќи дека секој голем играч сонува да заигра за „кралевите“, уште повеќе откако сега Зинедин Зидан се врати на клупата на овој клуб. Флертот дефинитивно почна, а на него денеска се надоврза и самиот Зидан, упатувајќи големи комплименти за својот сонародник.
„Многу ми се допаѓа Погба, лично го познавам и знам дека е добро момче. Тој е фудбалер кој носи многу на тимот, малку се играчи како него во светот, што знаат добро да организираат напади, но и да помогнат во одбраната. Пол е комплетен играч, прави се што треба за тимот да победува. Сепак, морам да кажам дека тој е играч на Манчестер Јунајтед и тоа треба да се почитува. Доколку се укаже можност, тој да реши да си замине, а ние да можеме да го потпишеме, тоа би било одлично“ – истакна Зидан.
Францускиот весник Л’Екип тврди дека Погба е една од трите мегаѕвезди што Зидан ќе се обиде да ги доведе во летниот преоден рок, заедно со Килијан Мбапе и со Еден Азар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА