Барселона сезонава доминира и на домашната сцена и во Лигата на шампионите, но каталонскиот гигант воедно и подготвува терен за создавање на „дрим-тим“ што ќе биде страв и трепет за ривалите. Трансферот на Де Јонг од Ајакс е веќе договорен, а според шпанските медиуми пред комплетирање се уште два мегатрансфери со кои Барса би делувала непобедливо.
Првиот е оној на Антоан Гризман, откако Французинот веќе му дал ветување на директорот Ерик Абидал дека на крајот од сезонава ќе се пресели на „Камп ноу“. Тој и лани ветуваше слично, во последен момент се премисли, но Гризман овојпат е решен да си замине од Мадрид. Го бара и ПСЖ, но Барселона е клубот со кој францускиот ас веќе има постигнато и договор за платата. Ќе се чека до 1 јули за трансферот да се официјализира, бидејќи тогаш неговата клаузула од 200 милиони ќе се намали на 120 милиони евра.
Се мисли и на одбраната, па затоа е договорен и трансферот на Де Лигт од Ајакс. Најдобриот млад дефанзивец во светот е желба на сите клубови, но Абидал го договори и овој трансфер. Понудата на Барса изнесува 60 милиони евра, а без оглед на обидите на Ајакс да извлече десетина милиони повеќе, се очекува како и Де Јонг, така и Де Лигт договорот со каталонскиот гигант да го потпише веќе во текот на оваа натпреварувачка сезона. Во тек се и преговорите со Ајнтрахт за Лука Јовиќ, кој е проценет на 60 милиони евра од германскиот клуб.
Ова значи и ремонт, па така се очекува да си замине Кутињо, можно е по негови стапки да тргне и Малком. Барселона нема да ги откупи договорите на Боатенг и на Мурилјо, а лесно може да се случи „Камп ноу“ да го напушти и Умтити.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА